Спектакуларната партија на дебитантот на Јута Џез, Донован Мичел и играчот на Оклахома Сити, Пол Џорџ, ги обележаа натпреварите во НБА лигата. Изминатата ноќ блескаше и српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ.
Мичел одигра неверојатен меч и ја предводеше Јута до победата на Њу Орлеанс Пеликанс 114:108, со 41 поен и по четири скока и асистенции.
Искусниот Пол Џорџ е најзаслужен што Оклахома ја прекина серијата порази. Тој уфрли 39 поени во победата на Оклахома над Минесота Тимбервулфс 111:107.
Српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ во финишот на натпреварот помеѓу Сакраменто Кингс и Чикаго Булс реализираше две слободни фрлања за триумф на „кралевите“ од 107:106. Богдановиќ мечот го заврши со 19 поени, 3 скока, 4 асистенции и една украдена топка.
Голден Стејт Вориорс без проблеми победија во Орландо 133:112, Демар Дерозан беше најзаслужен за победата на Торонто над Индијана 120:115, Џош Ричардсон му ја донесе победата на Мајами против Шарлот 105:100, а Сан Антонио лесно се справија со Мемфис и славеа 95:79.