Кошаркарите на Њујорк Никс ја прекинаа лошата серија на резултати на домашен терен во „Медисон Сквер Гарден“. Никс славеа во дуелот со Сан Антонио Спарс 130:118 со што ја прекинаа серијата од 18 порази пред своите навивачи. Њујорк има 12 победи сезонава, но и понатаму се последни на Истокот, а претпоследни во лигата.
Никс до победата ги предводеше Демијан Дотсон со 27 поени, Кевин Нокс забележа 19 поени и 10 скока. По 19 поени постигнаа и Денис Смит јуниор, односно Емануел Мудиеј, а Мичел Робинсон мечот го заврши со 15 поени и 14 скока.
Тренерот на Сан Антонио Грег Поповиќ, по мечот бил исклучително незадоволен од играта на својот тим.
„Бевме лоши во одбраната. Никс мораа да напреават нешто, физички се силни, завршија добра работа“, рекол Поповиќ.
Кај Сан Антонио најефикасен беше Демар Дерозан со 32 поени.
Денвер Нагес ја задржаа втората позиција на Западот, откако убедливо ги поразија ЛА Клиперс 123:96.
Никола Јокиќ ги предводеше Нагетс со 22 поени и 16 скока, поен помалку и ист број на скокови имаше Пол Милсап. Кај поразените се истакна Лу Вилијамс со 24 поени.
Убедлив триумф забележаа и Орландо Меџик. Против второпласираниот тим на Истокот, Торонто Репторс, Меџик победија 113:98.
Црногорецот Никола Вучевиќ одигра уште еден одличен натпревар (23 поени, 12 скока, 4 асистенции, 2 блокади). Најефикасен кај Меџик беше Теренс Рос со 28 поени. Кајл Лаури ги предводеше Репторс со 19 поени, три повеќе од Марк Гасол.