Кошаркарите на МЗТ забележаа нов пораз во АБА лигата. Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ МЗТ во 13.коло загуби од ФМП Железник 67:72 (18:19, 21:11, 13:19, 15:23). Македонскиот шампион го забележа деветтиот пораз во низа, вкупно 11.ти во лигата, а ФМП ја прекина серијата од три порази.
МЗТ, слично како и против Морнар, загуби добиен натпревар. Играчите на МЗТ на пет минути до крајот на мечот имаа десет поени предност (66:56), но до крајот на натпреварот постигнаа само еден поен, а противникот уфрли 16 и забележа значајна победа.
Клучен човек во серијата беше Ускоковиќ кој постигна шест поени. Овој играч на шест секунди до крајот реализира две слободни фрлања.
Доминик Мавра беше најефикасен во редовите на МЗТ со 20 поени, а Бојан Трајковски постигна 14. Филип Човиќ со 16 поени беше прво име кај ФМП.
фото/aba-liga.com