НБА шампионите Голден Стејт Вориорс потклекнаа пред Јута 91:110. Со овој пораз Вориорс се откажаа од потерата по Хјустон во борбата за првата позиција на Западот. Хјустон лесно ја победи Атланта 118:99 и ја запиша 60.победа во сезоната.
Голден Стејт без четворица играчи од стартната постава (Кари, Дурент, Томпсон, Грин) немаше сили да им се спротивстави на Џезери кои забележаа значајна победа во борбата за осмата позиција на Западот.
Донован Мичел со 21 поен, односно Руди Гобер со 17 поени и 15 скока ја предводеа Јута до победата. Квин Кук беше најефикасен кај Вориорс со 17 поени.
Хјустон го подобри рекордот на франшизата, откако против Атланта ја забележа 60.сезонска победа. Ракетите погодија 20 тројки што беше клуч за убедивата победа. Џејмс Харден забележа трипл-дабл (18 поени, 10 скоа, 15 асистенции), а Џералд Грин беше најефикасен со 25 поени.
Индијана предводена од Бојан Богдановиќ (18 поени), Виктор Оладипо (23 поени) и Тадеус Јанг (21 поен), по едно продолжение го победи Мајами 113:107.
Портланд го доби дербито против Оклахома 108:105. Со овој триумф Портланд се зацврсти на третата позиција во Западната конференција. Си-Џеј Мекалум постигна 34, Демијан Лилард 24, а Јусуф Нуркиќ 17 поени на кои придодаде 12 скока за Портланд. Оклахома ја предводеа Расел Вестбрук со 23 поени, 8 скока и 9 асистенции, односно Стивен Адамс со 18 поени и 10 скока.