Кошаркарите на Жалгирис направија голем чекор кон пласман на завршниот турнир во Евролигата, откако во третиот меч од серијата со Олимпијакос, забележаа победа 80:60. Славниот литвански клуб во серијата води 2:1.
Гостите од Грција многу подобро го отворија натпреварот, а домаќинот успеа да фати приклучок кон крајот на првата и почетокот на втората четвртина. Потоа Жалгирис направи серија 12:0 со која ја најави победата.
Олимпијакос во текот на целиот меч имаше проблеми со шутот за два поени, но успеа да се доближи во еден период од третата четвртина на седум поени негатива. Сепак, Спанулис и друштвото немаа сили за пресврт, а во последната четвртина Жалгирис влезе со предност од 17 поени.
Брендон Дејвис го предводеше Жалгирис со 18 поени, Паулиус Јанкунас постигна 13 на кои придодаде и шест скока.
Кај Олимпијакос единствени со двоцифрен поентерски ефет беа Спанулис (14) и Робертс (11).
Четвртиот меч на програмата е в четврток, а доколку Жалгирис победи ќе се пласира на завршниот турнир во Белград, во спротивно ќе се игра масторка во Атина.