Top Sport

Пешиќ: Она во НБА не е кошарка

Еден од најпочитуваните европски тренери, Светислав Пешиќ, ја споредил кошарката што се игра во НБА и во Евролигата. Според Пешиќ тоа што се игра во НБА „не е кошарка“.

Пешиќ кој во минатото има златни медали како селектор на Германија и Југославија на европските првенства во 1993 и 2001 и злато со Југославија на светското првенство во 2002 година, ја објаснил разликата помеѓу европската и американската кошарка.

„Во кошарката кога сакате да го промените ритамот, да играте во транзиција или во позиција, тоа не го правите преку нападот, туку преку одбраната. Тогаш можете да ја преземете иницијативата во нападот и да играте контра-напади или да ја контролирате офанзивата. Тоа е така во Европа, но така не се работи во НБА – тоа што се игра таму не е кошарка“, рекол Пешиќ.

Според трофејниот тренер во Европа се игра најдобрата кошарка во светот.

„Кога ќе ги погледнете резултатите во НБА гледата дека мелевите завршиле 129:119, 122:120 или 120:115…Сите се радуваат, сите се среќни…Најдобрата кошарка во денешно време се игра во Европа“, изјавил во Милано, по победата на неговата Барселона над Армани во Евролигата.

Пешиќ не верува дека во НБА може да види нешто што ќе му остави впечаток, но знае што ѝ недостига на европската кошарка.

„Во Евролигата може да видите се. Одбрана, напад, тактика…Се шутираат тројки, се креираат напади, има буквално се. Она на што досега не се работеше во Европа е „продажбата“ на кошарката, како што тоа се прави во НБА. Не знаевме како нашиот производ да ѝ го продадеме на Европа“, заклучил тренерот на Барселона.

Scroll to Top