Емир Прелџиќ кариерата ќе ја продолжи во А2 лигата (трета лига) во Босна и Херцеговина во екипата на Орловик од Жепче. Ова информација со неверување е примена во регионот откако клубот ја објави на официјалниот профил на „Фејсбук“.
Прелџиќ има 32 години, поранешен е репрезентативец на Словенија и Турција. Во кариерата има освоено четири шампионски титули и три Купа во Турција. Долго време беше значаен играч за Фенербахче и Дарушафака.
Кошаркарот роден во Зеница, во 2009 година бил драфтуван во НБА лигата како 57 пик од страна на Финикс Санс. Иако бил драфтуван никогаш не заминал преку Атлантикот да се испроба во најсилното првенство во светот.
Нејасно е како челниците на Орловик успеале да убедат еден играч со такво кошаркарско педигре да се натпреварува во втората лига на БиХ.
Порталот „Клик“ објави дека Прелџиќ планирал да игра рекреативно и да им помага на младите кошаркари во клубот, чии тренер е неговиот татко.
Прелџиќ кариерата ја започнал во Челик од Зеница, потоа играл во Словенија за Триглав и Геоплин Слован, а од 2007 година во Турција настапувал за Фенербахче, Дарушафака, Галатасарај и Бахчешекир.