Top Sport

Турците бараат четири години затвор за Кантер

Турските обвинители побараа ѕвездата на Њујорк никс, Енес Кантер да добие четиригодишна затворска казна за навреда на турскиот претседател Реџеп Ердоган, објави државната новинска агенција „Анадолу“.

Пасошот на Кантер беше повлечен од турските власти оваа година, и беше објавена потерница за негово апсење поради поддршката за исламскиот свештеник Фетулах Гулен, кого Анкара го обвинува за организирање на обидот за државен удар во јули 2016 година. Кантер е долгогодишен поддржувач на Гулен, кој живее во САД од 1999 година.

„Кажав помалку од тоа што тој човек без чест го заслужува. Додади ми четири години, господару“, напиша саркастично Кантер на Твитер.

Тој беше задржан во Романија во мај, откако властите открија дека неговиот турски пасош е повлечен, но тој се врати во САД, по што го нарече Ердоган „Хитлер на нашиот век“. Кантер има зелена карта за САД, која му дозволува да работи и да живее во САД.

Минатата година, турските медиуми објавија рачно потпишано писмо од таткото на Кантер, Мехмет, кој се откажува од својот син, кој бил „хипнотизиран“ од движењето на Гулен.

Scroll to Top