Top Sport

(Видео) Дончиќ со склекови го провоцира човекот кој го трејдуваше, додека во позадина ечи Цеца

Лука Дончиќ го одигра својот прв натпревар со Лос Анџелес Лејкерс против Далас Маверикс, клубот во кој ја започна НБА кариерата и каде што стана миленик на навивачите. Словенецот го заврши натпреварот со 19 поени, 15 скока, 12 асистенции, три блокади и две украдени топки, а Лејкерси победија со 107:99.

Дончиќ не ја пропушти можноста да им се сити на луѓето кои решија да го трампаат. На загревањето пред натпреварот почна да прави склекови откако ги виде Ник Харисон, генералниот директор на Маверикс и човекот кој го трејдуваше.

Ова беше одговорот на Дончиќ на обвинувањата дека Далас се ослободил од него бидејќи клубот го сметал за дебел и неподготвен. И додека Дончиќ правеше склекови, во позадина низ арената во Лос Анџелес се слушаше како одекнува песната „Да раскинам со него“ во изведба на српската турбофолк пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ.

Словенецот потврди дека е нејзин обожавател во 2023 година, кога американските новинари го прашале кој музичар би сакал да го види на полувремето од Ол-стар натпреварот. Тој одговори дека би сакал да ја види Цеца.

Scroll to Top