Проектираниот прв пик на драфтот во НБА лигата, Зајон Вилијамсон, наводно не сакал да биде играч на Њу Орлеанс. Франшизата од Њу Орлеанс, пред две дена на драфт-лотаријата го доби правото да го има првиот избор. Вилијамсон за кого стручњаците предвидуваат дека ќе биде прв пик, имал голема желба да игра за Њујорк Никс. Никси на драфтот ќе бираат како трети.
Аналитичарот на ЕСПН телевизијата, Брајан Виндхорс, не ја исклучува можноста Вилијамсон да ја искористи можноста и воопшто да не се појави на драфтот, туку да се врати на својот универзитет Дјук.
„Зајон има две опции. Не велем дека тој токму нив ќе ги одбере, но има некои работи што ме тераат да размислувам на овој начин. Тој нема договор со ниту еден менаџер и нема договор со ниту еден производител на спортска опрема. Овие две работи му овозможуваат да се закани со враќање на својот универзитет Дјук“, рекол Виндхорс.
Тој истакнал дека оваа тема е многу актуелна во НБА круговите.
Вилијамсон беше сигурен дека ќе оди во Њујорк, кои имаа најголеми шанси да го добијат правото да го имаат првиот избор на драфтот. По завршувањето на лотаријата, според луѓе што биле со него, тој бил скаменет. Подоцна тој самиот потврдил дека не се чувствува најдобри.