Македонската кошаркарска легенда и кандидат за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Владо Илиевски, оценува дека сегашното водство на МКФ, предводено од претседателот Петар Наумоски, создава хаос во младинските кошаркарски категории со нетранспарентната распределба на средствата.
Агенцијата за млади и спорт доделува средства за екипи што се пласирани од првото до четвртото место во сите младински категории, но Владо Илиевски тврди дека МКФ ги распределува средствата по своја желба и без никаков критериум.
„Најмногу пари се распределуваат во М20, која МКФ не ја води под младински категории. Во М20 пласманот е Работнички, Вардар, Академија ФМП, Карпош Соколи. Претпоставувам дека поради купување гласови таму се доделени најмногу средства, односно тоа се четири гласа“, вели Илиевски за „Топспорт“.
Спорно за Илиевски е тоа што МКФ, М20 на својата официјална интернет-страница не ја води како младинска лига.
„Најмногу пари му се даваат на Вардар – 400.000 денари, на Карпош Соколи – 300.000, Академија ФМП – 240.000 и Работнички – 200.000 денари“.
Противкандидатот на Петар Наумовски на вонредното Собрание на МКФ прашува зошто Карпош Соколи и Академија ФМП добиваат повеќе пари од екипите што остваруваат забележителни резултати во младинските категории, односно во М12, М14, М15, М16 и М18.
„Во овие категории има екипи кои играле на три или четири завршни турнири, а доделени им се по 100.000 денари. На пример Феникс играл финале во М16, а ја освоил титулата во М14. Партизан Водно санс е трет во М12, втор во М14, во М16 игра со две генерации на фајнал-фор и го освојува третото и четвртото место и тие добиваат само по 100.000 денари. Слично е со МЗТ, а добива само 200.000 денари“, дополнува Илиевски.