Извесно е дека Кевин Дурент ќе замине од Голден стејт Вориорс и ќе се пресели во Бруклин Нетс, а франшизата од Оукленд на вистински начин планира да се прости од играчот кој со клубот освои две титули во НБА лигата.
Сопственикот на Вориорс, Џо Лејкоб, преку соопштение објави на кој начин франшизата ќе му се заблагодари на Дурент.
„Додека сум јас еден од главните луѓе во клубот ниту еден играч повеќе нема да го носи бројот 35“, пишува во соопштението на Лејкоб.
Кевин Дурент три години мина во Голден стејт и во секоја сезона играше во големото финале. Освои две титули во 2017 и 2018 година. Оваа година во финалето Дурент имаше проблеми со повредата, а во петтиот меч од серијата со Торонто Репторс ја скина Ахиловата тетива, поради што ќе пропушти најголем дел од наредната сезона.
Вориорс и покрај тоа му понудија максимален договор, 221 милиони долари за пет години, но тој реши да го напушти клубот.