Од денес до недела во Гевгелија ќе се одржи 27 издание на кошаркарскиот Куп на македонија. Титулата ја брани МЗТ Скопје. Првиот ден на програмата ги носи четврт-финалните натпревари во машка конкуренција.
Четвртфиналните пресметки започнуваат во 13:00 часот, а ќе завршат нешто пред полноќ. Блокотехна ќе се надигрува со АВ Охрид, Работнички со Куманово (15:15), МЗТ Скопје Аеродром ќе игра против Кожув (17:30), а Гостивар и Фени Индустри ќе ги заокружат четвртфиналните дуели (20:15).
Победниците од дуелите помеѓу Блокотехна и АВ Охрид односно Гостивар и Фени Индустри ќе вкрстат во првата полуфинална пресметка, закажана за сабота со почеток во 17:30 додека победниците помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Кожув односно Работнички и Куманово ќе разигруваат во вториот полуфинален дуел, закажан за во 20:15.
Победниците од полуфиналните натпревари ќе разигруваат во финалето, закажно за в недела (14. април) со почеток во 17:30. Сите натпревари во машка конкуренција ќе се одиграат во спортската сала „26 април“.
Во женска конкуренција пак, дамите ќе ги започнат пресметките в сабота во спортската сала „Негорски Бањи“ со почеток точно напладне.
Први ќе се надигруваат Бадел 1862 и Струга 2009, а во 14:15 часот ќе се пресметаат Работнички и Вардар. Финалето во женска конкуренција е закажано за в недела (14. април) со почеток во 14:30. Финалниот натпревар ќе се одигра во спортската сала „26 април“.