Кошаркарите на Црвена звезда го совладаа својот најлут ривал со 86:72 во 18. коло од АБА лигата за да ги оддалечат „црно-белите“ од шансите за плеј-оф и во исто време да се израмнат со Будуќност по бројот на победи.
Пред околу само 3 илјади гледачи, со фантастичен учинок во тројки и со добра одбрана стигнаа до убедлива победа во меч кој беше изедначен 25 минути. Огњен Добриќ постигна шест тројки за 15. победа на Звезда во регионалното натпреварување за да се израмни со Будуќност на четири кола пред крајот на регуларниот дел од сезоната.
Со деветтиот пораз, Партизан остана со минимални шанси за плеј-оф, со две победи помалку од четвртопласираниот Морнар.
Ален Омиќ, кошаркарот околу кој се крена огромна прашина по навредите од „Делиите“, повторно беше на „мета“ овојпат од навивачите на Партизан кои му скандираа „Ти си четник на Звезда, Омиќ“. „Делии“ според најавеното не беа присутни на мечот, но другите навивачи на Звезда му дадоа поддршка на Словенецот со бошњачко потекло Омиќ.
Watch video!