Атлетската легенда, Сер Роџер Банистер, првиот човек кој истрча милја под 4 минути, почина во неделата, на последниот ден од Светското првенство во сала во Бирмингем, каде што му беше оддадена последна почит.
88-годишниот Банистер постави време од 3:59.4 во Оксфорд на 6 мај 1954 година, и иако како рекорд траеше само 46 дена, му обезбеди местото во историјата. Банистер подоцна стана еден од водечките невролози во Велика Британија, додека од 2011 страдаше со Паркинсоновата болест.
„Нема ниту еден спортист од мојата генерација кој не беше инспириран од Роџер и неговите успеси на патеката и надвор од неа. Ова е ден на тага за нацијата и за спортот“, изјави претседателот на ИААФ, Себастијан Коу, кој постави светски рекорд на една милја од 3:47.33 во 1981 година.
Банистер според денешните стандарди беше само „рекреативен“ тркач, бидејќи атлетиката ја гледаше само како хоби додека студираше медицина на Универзитетот во Оксфорд. Тој настапи на Олимпијадата во Хелсинки во 1952 година, кога го освои четвртото место.