Top Sport

АТП финалето со ноќна промоција на Лондонската кула

Најдобрите осум сингл играчи и двојки се собраа во Лондон во четвртокот навечер на фото-сесија и доделување на наградите во Лондонската кула, пред стартот на елитниот турнир од 12 до 19 ноември во „О2 арената“.

Како дел од промоцијата, АТП ги додели наградите за сезоната која изминува, прво на Рафаел Надал за обезбеденото прво место на АТП-листата на крајот на годината четврти пат во кариерата. Тој ќе годибе трофејот по првата сесија во недела, додека бројот 1 во двојки треба да биде одлучен на турнирот.

Ноќта беше посветена и на другите наградени. Роџер Федерер доби три награди – фаворит на публиката, наградата „Штефан Едберг“ за најфер тенисер и на крајот, тенисер со најдобар кам-бек во 2017. Боб и Мајк Брајан беа прогласени за фаворити на публиката во двојки, а Романецот Хорија Текау е добитник на наградата „Артур Еш“ за хуманитарна работа.

Канаѓанецот Денис Шаповалов, кој игра на „Некст џен“ финалето во Милано е тенисер со најголем прогрес во 2017, додека Невил Годвин, тренерот на Кевин Андерсон е најдобар тренер во сезоната која изминува.

АТП турнејата ги прогласи и најдобрите турнири по категории – БНП Парибас опен во Индијан Велс (1000), Абиерто Мексикано во Акапулко (500) и Катар Егзонмобил опен во Доха (250).

Scroll to Top