Top Sport

Австралија опен без гаранции за „лошото момче“ Томич

Австралиската тениска федерација (АТ) вели дека контактирала со Бернард Томич поради загриженоста за неговото „здравје и добросостојба“, но тоа не значи дека „лошото момче“ на австралискиот тенис ќе добие вајлд-карта за настап на првиот гренд слем од годината во јануари.

Поранешниот светски рекет број 17 во моментов е на 145. место на АТП листата по кошмарната сезона и нема да има доволно поени за директен пласман на „Мелбурн Парк“. Томич оваа година неколку пати изјавуваше дека тенисот му е досаден и дека се чувствува „заробен“ во спортот.

Меѓутоа, во Австралија тој беше критикуван поради недоволната посветеност на спортот и фалењето со парите кои ги заработил иако не се трудел. Директорот на Австралија опен, Крег Тајли вели дека Томич има „мака“.

„Разговаравме со него за неговото здравје и добросостојба и тој треба сам да одговори. Разговараше со Дејвис куп капитенот Лејтон Хјуит и знам дека не му е лесно. Сите го гледаме тоа. Наша работа е да имаме тим луѓе кои ќе го поддржуваат“, вели Тајли.

Тој додава дека одлуката за вајлд-карта ќе ја донесе Вали Масур, директорот на перформанси на федерацијата заедно со двократниот гренд слем шампион Хјуит. Ова не е добра вест за Томич бидејќи тој влезе во конфликт со Хјуит поради одлуката да не игра во Дејвис куп репрезентацијата.

Scroll to Top