Катарскиот скокач во височина, Мутаз Еса Баршим и белгиската седмобојка Нафисату Тиам се избрани за најдобри атлетичари во 2017 година од страна на Интернационалната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) на гала-церемонијата во Монако.
26-годишниот Баршим беше непоразен во 11 натпреварувања во 2017, освојувајќи злато на Светското првенство во Лондон и стигна лесно до победа од Дијамантската лига.
23-годишната Тиам, исто така ја освои светската титула за да ја додаде на олимписката круна, а првпат во кариерата ја „проби“ и границата од 7.000 поени со 7.013 на митинг во Австрија.
Претседателот на ИААФ, Себастијан Коу го предаде трофејот на Баршим, додека почесниот претседател, принцот Алберт од Монако го предаде трофејот на Тиам.
„Денеска е ден за прослава. Ги одредивме најдобрите атлетичари за 2017, кои не само што имаа фантастични резултати, туку и поставија позитивни примери“, изјави Коу.