Општо познато е дека контроверзниот австралиски тенисер, Ник Кирјос од само нему познати причини „го мрази“ најдобриот светски тенисер во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ. Се појавија шпекулации прославениот екс-германски тенисер, Борис Бекер, кој своевремено му беше тренер на Ѓоковиќ, да го тренира во иднина и контроверзниот Австралиец, па уште отсега почнаа замислите како би изгледало сето тоа.
Бекер е во Њујорк, го следи САД опен и на прашањето дали би го трнирал Кирјос, одговори позитивно.
„Би сакал да му бидам тренер, мислам дека тоа би било одлично затоа што тој е играч кој не може лесно да се скроти. Добар тренер мора пред себе да има предизвик, а тогаш да најде начин да го реши, да комуницира со играчот“ – изјави Германецот.
Бекер порача дека Ник дефинитивно е еден од играчите кои можат да го победат Новак Ѓоковиќ.
„Ако има добар ден, незадржлив е. Би можел да ги победи Федерер, Надал, Ѓоковиќ, сепак му недостасува константност, дисциплина. Тренерот е тој кој треба тоа да го научи“ – смета Бекер кој е екс-тренер на Ѓоковиќ.