Финалистот на Вимблдон, италијанскиот тенисер Матео Беретини ќе го претставува „Тимот Европа“ на Лејвер купот во Бостон што годинава е планирано да се одржи од 24 до 26 септември.
Селекторот на европскиот тим, Швеѓанецот Бјорб Борг не го крие задоволсвото што Италијанецот ќе игра на турнирот.
„Матео има сјајна низа резултати, не само на трева, туку од почетокот на годината, што и помогна на Италија да стигне до финале на АТП купот, а тој стигна и до осминафинале во Мелбурн, односно четвртфинале во Париз“ вели Борг.
Беретини вели дека му е многу драго што ќе настапи на егзибицискиот турнир.
„Многу сум возбуден што ќе играм на `Лејвер купот` годинава. Толку сум слушнал за ова натпреварување, па јасно ми е колку е убаво да се игра таму. Да се игра во Бостон со Бјорн како селектор и во тим со мојот идол од детство – Роџер Федерер, тоа ќе е посебно искуство“ вели италијанскиот тенисер.
Турнирот предвидено е да се игра пред полни трибини. Претходните 3 вакви турнири се одржуваа во Прага, Чикаго и Женева, а во 2020 година не се одржа, поради пандемијата на Ковид 19.