Top Sport

Бразилците со поткуп ја добиле организацијата на ЛОИ во 2016 година

Поранешниот гувернер на Рио Де Жанеиро признал дека купувал гласови меѓу членовите на Меѓународниот олимписки одбор, со цел градот да ја добие организацијата на Летните олимписки игри во 2016 година.

Серџо Кабрал, пред судот рекол дека во 2009 година потрошил два милиони долари за купување на гласови. Меѓу оние што го продале својот глас биле легендарниот скокач со стап, Украинецот Сергеј Бубка и славниот руски пливач, Александар Попов.

Купувањето на гласови, Кабрал, го организирал преку поранешниот претседател на Интернационалната атлетска федерација (ИААФ), Ламине Диак.

Пред судијата, Кабрал, рекол дека информацијата дека Диак бил подготвен да прими поткуп ја добил од поранешниот претседател на Олимпискиот комитет на Бразил, Карлос Алберт Нузман.

Тој пред судот рекол дека заедно со Нузман и бразилскиот тајкун Артур Сесар Соареш ги купиле гласовите на неколку луѓе од Меѓународниот олимписки одбор пред одржувањето на клучниот состанок во 2009 година.

Кабрал дополнил дека во купувањето на гласови директно не бил вмешан поранешниот претседател на државата Луис Игнасио Лула да Силва, но дека бил запознаен со целата операција. Лула да Силва претходно рекол дека немал сознанија дека биле купувани гласови.

На гласањето во 2009 година Рио де Жанеиро победи во конкуренција на Мадрид, Чикаго и Токио.

Инаку, Кабрал е осуден за повеќе случаи поврзани со криминал и корупција и тој се наоѓа в затвор од 2016 година.

Scroll to Top