Top Sport

Чичко Тони откри: Надал ќе се пензионира на Ролан Гарос или во Мадрид

Додека постојано траат шпекулациите за можното повлекување на Рафаел Надал од тенисот, неговиот чичко и поранешен тренер, Тони Надал смета дека тоа ќе се случи или на терените на Ролан Гарос или на Мадрид опен.

Во интервју за „Марка“, Тони Надал открива дека веќе не разговара со својот внук за тенисот, и дека смета дека 36-годишниот поранешен светски број 1 треба да замине на врвот, како Пит Сампрас, кој се повлече по освојувањето на неговиот последен гренд слем на САД опен во 2002.

„Во Мадрид или на Ролан Гарос. Ќе дојде време и за тоа и тој ќе ја донесе одлуката. Кога креваш трофеи се убедуваш самиот себе дека имаш уште да дадеш во спортот. Тешко е да се пензионираш кога победуваш. Тоа го направи Сампрас. Не сум зборувал за тоа со Рафа и навистина не знам уште колку има до крајот. Ако се опорави од последната повреда, мислам дека ќе продолжи“, вели Тони Надал.

Во моментов, Надал е во аут поради повреда која го примора да се повлече од Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами, и се очекува да се врати на терен на турнирите на земја во Монте Карло и Мадрид.

Scroll to Top