Top Sport

Чилиќ: Кака ми е омилен, бидејќи е религиозен

Марин Чилиќ следната година првпат ќе игра на турнирите во Буенос Аирес и во Рио де Жанеиро при првата посета на Јужна Америка, по што даде интервју за официјалниот веб-сајт на Рио опен.

Хрватскиот поранешен гренд слем шампион беше запрашан за љубовта кон фудбалот.

„Бразилската генерација од 1998 и 2002 година, Роналдо, Ривалдо, Роналдињо… Тоа беше неверојатен тим. Но, мој омилен фудбалер останува Кака. Неговиот однос, неговата посветеност кон спортот и фановите беше инспирирачка. Покрај тоа, исто како јас, и тој е многу религиозен. Ми се допаѓа како спортист и како личност“, вели Чилиќ.

Чилиќ е роден во Меѓугорје, во Босна и Херцеговина, градче кое е познато по наводното „јавување“ на Богородица во 1981 година на шест деца. Оттогаш, градчето стана место кое го посетуваат илјадници католички верници, иако Ватикан уште не потврдил дека се случило чудо.

Хрватот вели дека сака повторно да го посети Бразил по одличното искуство на Олимпијадата во 2016 година.

„Тоа беше прекрасно искуство. Играв и во Пекинг и во Лондон, но во Рио беше многу посебно. Луѓето и организацијата го кренаа Рио 2016 на повисоко ниво и ме натераа да се вратам“, објаснува Чилиќ.

Scroll to Top