Јужнокореецот Чунг Хјеон убедливо го освои првото место во групата А на „Некст џен“ финалето во Милано, со трета победа во исто толку меча, а во полуфиналето ќе му се приклучи и Русинот Андреј Рублев, кој го победи Денис Шаповалов.
Чунг се намачи со италијанскиот квалификант Џанлуиџи Квинци, пред да го победи со 1:4/4:1/4:2/3:4(6)/4:3(3) во првиот меч кој траеше над два часа на турнирот за најдобри тенисери до 21 година кој се игра со експериментален формат. Чунг е најмногу импресиониран од часовникот кој отчукува 25 секунди за удар меѓу поени.
„Ми се допаѓа тоа, бидејќи во минатото добивав предупредувања за чистење на моите очила. Вака не ми треба предупредување, бидејќи гледам колку време имам“, изјави 21-годишниот Чунг, кој носи очила цел живот и почна со тенисот по совет на лекарите за да го подобри видот.
20-годишниот Рублев, кој со 37. место на АТП-листата е најдоброрангираниот тенисер на турнирот, имаше проблеми против тинејџерот Шаповалов, но успеа да стигне до 4:1/3:4(8)/4:3(2)/0:4/4:3(3) победа над Канаѓанецот.
Чунг во полуфиналето ќе игра со Русинот Данил Медведев, кој со 3:4(3)/4:2/4:3(1)/4:0 го победи Американецот Џаред Доналдсон. Медведев потоа мораше да чека Хрватот Борна Чориќ да се врати од два сета негатива за победа над Карен Хачанов со 3:4(2)/2:4/4:2/4:0/4:2 за трета победа на турнирот и елиминација на Хачанов.
ГРУПА А
Чунг (Кор) – Квинци (Ита) 1:4/4:1/4:2/3:4(6)/4:3(3)
Рублев (Рус) – Шаповалов (Кан) 4:1/3:4(8)/4:3(2)/0:4/4:3(3)
ГРУПА Б
Медведев (Рус) – Доналдсон (САД) 3:4(3)/4:2/4:3(1)/4:0
Чориќ (Хрв) – Хачанов (Рус) 3:4(3)/2:4/4:2/4:0/4:2
ПОЛУФИНАЛЕ
Хјеон Чунг (Кор) – Данил Медведев (Рус)
Борна Чориќ (Хрв) – Андреј Рублев (Рус)