Стефанос Циципас, еден од најталентираните млади тенисери, вели дека е многу тешко да се создаде пријателство на АТП турнејата , бидејќи во ерата на социјалните мрежи, сите само „дремат“ на мобилните телефони.
20-годишниот Грк е доста активен на Инстаграм и на Твитер, но сепак, вели дека е друго кога работите се одвиваат „во живо“.
„Сите се на своите мобилни и тешко е да се направи пријателство. Би сакал луѓето да се поискрени и подиректни на турнејата, но повеќе од нив сакаат да останат сами. Но, имам некои блиски луѓе, како Маркос Багдатис, некои од тенисерите во двојки, како и Денис Истомин“, вели Циципас.
Циципас во 2018 имаше одлични резултати – во Барселона стигна до своето прво финале каде што загуби од Рафаел Надал, а во текот на летото стигна до полуфиналето на Вашингтон опен и првото АТП Мастерс 1000 финале во Канада, каде што ги победи Доминик Тим, Новак Ѓоковиќ, Александер Зверев и Кевин Андерсон, пред повторно да загуби од Надал во финалето. Потоа дојде првиот трофеј во кариерата на Стокхолм опен во финишот на сезоната.
„Во 2019 сакам да играм во полуфинале на гренд слем, да освојам Мастерс 1000 турнир, да влезам во топ 10 и да играм на АТП финалето. Знам дека тие четири цели се големи, но имам големи амбиции“, вели Циципас, кој ја почнува новата турнеја претставувајќи ја Грција во Хопман купот покрај Марија Сакари.
Фото: ЕПА