Top Sport

Деби победа на Сем Бенет на една голема трка (видео)

Ирецот Сем Бенет стигна до својата прва етапна победа на една од големите три трки, откако во спринтерски финиш на седмата етапа на Џиро Д’Италија го победи домашниот фаворит Елија Вивијани.

Во брзата завршница на рамната етапа од 159 километри на брегот на Калабрија на југот на „чизмата“, Бенет (Бора-Хансгрое) го совлада фаворизираниот Вивијани (Квик Степ), кој победи на двете етапи во Израел, за најголема победа во неговата кариера, додека третото место отиде кај уште еден Италијанец, Николо Бонифачио (Бахреин).

„Конечно ми олесна! Бев толку блиску на Џирото неколку пати, и сега го најдов вистинскиот пат до подиумот, и тоа против Вивијани, велосипедист кој знае што прави“, изјави пресреќниот Бенет.

Италијанецот Саша Модоло (Драпак) и Холанѓанецот Дени ван Попел (Лото-Џамбо) го комплетираа топ 5, додека Британецот Сајмон Јејтс (Мичелтон-Скот) имаше рутински прв ден во розево за да остане на 16 секунди пред актулениот шампион, Холанѓанецот Том Думулин (Санвеб).

Вивијани може да се утеши што освои максимални поени на двата спринта во текот на етапата, за да остане убедлив лидер во „маљљ чикламино“ пласманот на поени.

Сега, за велосипедистите следуваат два планински финиши во текот на викендот пред вториот ден одмор во понеделник.

Scroll to Top