Top Sport

Димитров и Зверев поминаа по битки во пет сета

Александер Зверев и Григор Димитров, двајца „фаворити од сенка“ на Франција опен, влегоа во третото коло на гренд слем турнирот, но по битки во пет сета.

Зверев, кој е втор носител, но никогаш не го минал четвртото коло на еден гренд слем, го победи српскиот тенисер број 60, Душан Лајовиќ со 2:6/7:5/4:6/6:1/6:2, додека четвртиот носител Димитров, со 6:7(2)/6:4/4:6/6:4/10:8 го совлада 21-годишниот Американец Џаред Доналдсон во меч кој траеше 4 часа и 19 минути и имаше вкупно 346 поени.

Германецот Зверев во следното коло игра со Дамир Џумхур од Босна и Херцеговина, додека Димитров ќе се соочи со шпанскиот ветеран, Фернандо Вердаско.

Кеи Нишикори, кој настапува на првиот гренд слем од Вимблдон 2017 по повредата на зглобот на раката, исто така мораше да се бори во пет сета, пред со 6:3/2:6/4:6/6:2/6:3 да го победи Французинот Беноа Пер, за мала одмазда, откако Пер го совлада Нишикори во пет сета на САД опен во 2015 година.

Scroll to Top