Top Sport

Димитров: По Серена и Шарапова, повеќе внимавам на приватноста

Светскиот рекет број 3, Григор Димитров ја привршува својата најдобра година во кариерата, која беше крунисана со трофејот од АТП финалето во ноември, по што конечно се појави на насловните страници поради неговиот тенис, а не поради славните девојки.

По триумфот во Лондон, и краткиот одмор, Димитров продолжи со тренизни во Монте Карло, пред да ја стартува сезоната на Бризбејн интернешнл во јануари, каде што лани ја освои првата од четирите титули. Во интервју за италијанскиот весник „Ла република“, 26-годишниот Бугарин вели дека најважното нешто што го направил во 2017 е подобрувањето на менталната сила.

„Тенисот е посебен свет кој го менува човекот. Секогаш повторував дека тенисот не може да ми е сè во животот, бидејќи има и други важни работи. Не сакам да бидам добар само во една работа. Можеби ќе бидам добар тренер. Сакам да направам нешто важно, а имам голема страст“, вели Димитров.

Најавуван како нова голема ѕвезда во светскиот тенис, Димитров не успеа да го оствари својот потенцијал сè до минатата сезона, и претходно беше најпознат по врските со тенисерките Серена Вилијамс и Марија Шарапова. Во моментов, тој е во врска со поранешната пејачка на Пусикет долс, Никол Шерцингер, инаку поранешна девојка на Ф1 шампионот Луис Хамилтон.

„Мислам дека погрешно ме разбираа, и бидејќи неме познаваа се правеше поинаква слика за мене. Имаше тешки моменти во кои не бев опкружен со вистински луѓе. Како клишето со моите девојки, од Серена до Марија, веќе нема потреба да зборувам за тоа. Лесно е да се загубиш во убавината. Денеска, со Никол сум многу повнимателен околу мојата приватност“, додава Димитров.

Иако во минатото имаше прекар „Бејби Фед“ поради сличноста во играта со Роџер Федерер, тој признава дека кариерата му ја „спаси“ Рафаел Надал.

„Бејби Фед? Можеби е виновен мојот татко кој ме научи да играм бекхенд со една рака. Федерер и Надал се феномени кои го одбележаа мојот спортски живот, а интересно е што јас бев ‘спасен’ од академијата на Рафа, иако сум Бејби Фед, нели?“, додава Димитров.

Scroll to Top