Top Sport

Џошуа и Паркер во Кардиф на 31 март

Дологоочекуваниот меч меѓу Ентони Џошуа и Џозеф Паркер за обединување на дел од титулите во тешка категорија е договорен за 31 март во Кардиф, Велс.

Британецот Џошуа, кој е носител на ВБА и ИБФ титулите во тешка категорија и има 20 нокаути во 20 професионални мечеви, ќе боксува со ВБО шампионот Паркер, кој исто така е непоразен во 24 меча и има 18 нокаути.

По неколку недели преговори, 28-годишниот Џошуа потврди дека мечот е договорен преку видео на Твитер.

„Овие мечеви не се лесни бидејќи има многу што зависи од нив, така што имам почит кон тимот на Паркер што го прифати предизвикот. Јас? Јас ја сакам оваа игра. Едвај чекам и сега почнува тренинг кампот“, вели Џошуа.

Победникот на дуелот ќе направи чекор напред да стане првиот апсолутен шампион во тешка категорија по Ленокс Луис во 1999 година. Американецот Дионтеј Вајлдер е носител на четвртиот појас во тешка категорија и тој ќе се најде во рингот со Кубанецот Луис Ортиз исто така во март.

Scroll to Top