Вториот носител на Квинс Клаб турнирот, Григор Димитров го „преживеа“ тешкото прво коло против Дамир Џумхур од БИХ за да постави интересен дуел од второто коло против поранешниот светски број 1, Новак Ѓоковиќ.
27-годишниот Димитров со 6:3/6:7(4)/6:3 се намачи со упорниот Џумхур, додека Ѓоковиќ во својот прв настап на престижниот турнир во Лондон од 2010 година, го декласираше Австралиецот Џон Милмен, најавувајќи добра сезона на трева. Србинот можеби падна на 22. место на АТП листата, но трикратниот шампион од Вимблдон беше во топ-форма против квалификантот Милмен.
„Ова е еден од најубавите терени за игра на светот и убаво е да се игра на трева. Се мачев последната година и пол и тоа ми ја изеде самодовербата, но денеска беше совршено“, вели Ѓоковиќ.
Димитров, кој беше шампион на Квинс во 2014 година година беше сигурен во првиот сет, но потоа се намачи велејќи дека е задоволен што ќе има барем уште еден силен тест на турнирот.
„Сакам да добијам што е можно повеќе мечеви на трева пред Вимблдон, и Новак ќе биде совршен предизвик за мене“, објаснува Димитров.