Четирикратниот олимписки шампион Мо Фара објави дека ја прекинува соработката со контроверзниот американски тренер Алберто Салазар и дека се враќа дома во Велика Британија.
Фара, кој победи на 5.000 и 10.000 метри на Олимпијадите во Лондон во 2012 и во Рио во 2016 година, вели дека главниот мотив е желбата за враќање во Лондон. Салазар е под истрага на Американската анти-допинг агенција (УСАДА) по обвинувањата за допингување на атлетичари во неговата тренинг-база во Орегон, САД.
„Се враќам дома во Лондон. Навистина ми недостасува домот. Не си заминувам поради обвинувањата. Верувам во чист спорт и тој кој згрешил треба да биде казнет. Таа ситуација трае две години и досега Алберто не е официјално обвинет за ништо. Да имав причина да се сомневам во него, ќе го напуштев претходно“, вели 34-годишниот Фара.
Фара работи со Американецот со кубанско потекло Салазар од стартот на неговиот „Најк Орегон“ проект од 2011 година, освојувајќи дополнителни шест светски титули покрај четирите олимписки злата. Фара веќе се пензионираше од трките на тартан по победата на 10.000 метри на СП во Лондон во август и реши да се фокусира на маратонските трки.