Роџер Федерер има 36 години, така што наскоро (кога и тоа да биде) ќе мора да го остави тенискиот рекет и да им даде простор на другите да освојуваат гренд слем титули.
Швајцарскиот „маестро“ признава дека веќе размислува за тоа што би правел по крајот на блескавата кариера и во посебен напис на блогот на основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, тој признава дека би сакал да биде како Гејтс и повеќе да работи со неговата добротворна фондација.
„Порано или подоцна, ќе дојде моментот кога мојата тениска кариера ќе заврши и ќе имам повеќе време да работам со мојата фондација. Едвај чекам да можам почесто да патувам во Африка, да ги посетувам нашите програми и да собирам повеќе пари за целта. Предизвикот е пред мене, но се надевам дека ќе го зголемувам моето знаење и искуство со секој нареден ден. Да се биде филантроп е бескрајно патување. Да се направи суштинска промена не зависи само од твојата желба и потребно е време, флексибилност и знаење. Морам да ја знам динамиката на теренот и да реагирам на заканите и можностите. Затоа соработувам со моите партнери и локални организации во Јужна Африка“, пишува Федерер.
Фото: ЕПА