Роџер Федерер уште еднаш на волшебен начин се спаси од пораз на Австралија опен. Во четврт-финалето негова жртва беше Тенис Сандгрен. Федерер против Американецот спаси седум меч топки во четвртиот сет. на крајот победи во пет сета 6/3, 2/6, 2/6, 7/6, 6/3.
На крајот од три и пол часовната борба Швајцарецот рекол дека Сандгрен, а не тој ја заслужил победата.
„Денес имав среќа. Сандгрен ја заслужи оваа победа. Среќата ме „погледна“ бидејќи не ја контролирав играта кај тие седум меч топки што ги имаше. Му благодарам на противникот за одличната партија“, рекол Федерер.
Швајцарецот 15 пат во кариерата ќе игра полу-финале во Мелбурн. Признал дека во текот на мечот имал болки во грбот и нозете.
„Ме мачеа нозете и грбот, но проценив дека можам да играм, дека можам да се изборам со тој проблем. Така и беше, иако се можеше да биде готово во четири сета. Добро го познавам своето тело, бев подготвен на таков ризик. Доколку проблемите беа сериозни ќе го предадев мечот“.
Федерер во полу-финалето ќе игра против победникот од дуелот помеѓу Новак Ѓоковиќ и Милош Раониќ.