Top Sport

Федерер не се испоти против Сок

Роџер Федерер покажа дека не ја загуби формата откако на првиот меч од АТП финалето во Лондон без проблем со 6:4/7:6(4) го победи Американецот Џек Сок, последниот тенисер кој се квалификуваше на елитниот турнир со победа во Париз.

Шесткратниот шампион на завршниот турнир во машкиот тенис повторно е фаворит за титулата, посебно бидејќи светскиот број 1, Рафаел Надал уште не одлучил дали ќе настапи на турнирот поради повредата на коленото.

„Почетокот секогаш е најважен, да го почувствувате топчето, по што можете да се фокусирате на својата игра. Вториот сет беше тесен, но во тај-брејкот се чувствував многу добро. Прекрасно е да се биде тука посебно бидејќи лани не настапив поради повредата. Лондон е секогаш супер за мене, драго ми е што ве гледам по Вимблдон и сега едвај го чекам следниот меч во вторник“, изјави Федерер.

Во вториот меч од групата „Борис Бекер“, вечерва од 21 часот играат Хрватот Марин Чилиќ и најмладиот учесник на турнирот, Германецот Александер Зверев. Другата група „Штефан Едберг“ стартува со натпреварувањата утре.

Scroll to Top