Роџер Федерер смета дека модерните тенисери мора да ја менуваат својата игра постојано, откако минатите години покажа дека може да се игра агресивен тенис и со неговата возраст (Маестрото има 37 години).
„Тоа е клучно. Не сфаќам на пример, зошто луѓето веќе не играат сервис-и-волеј. Обиди се, барем на 40-0 или на 30-0, види како се чувствуваш, можеби ќе функционира. И да не работи, тогаш врати се на стариот стил на игра, бидејќи така имаш екстра опција, следниот пат да излезеш на мрежа“, вели Федерер.
Швајцарецот исто така откри што се случило на неговиот прв настап на Вимблдон во 1998 година додека бил јуниор.
„Се загревав и си велев: ’Вау, Вимблдон!’. Но, потоа подзастанав и си помислив, нешто е чудно со оваа мрежа. Отидов кај судијата и му кажав дека треба да ја провери височината на мрежата. Тој ме погледна и ми кажа: ’Па, ова е Вимблдон’. Сепак, тој ја провери мрежата и беше совршено. Бев толку нервозен што мрежата ми се гледаше како одбојкарска мрежа“, вели Федерер.