Роџер Федерер успеа да го победи Филип Колшрајбер и по 13-ти пат во 13 меѓусебни дуели, за да се пласира во четврт-финалето на АБН Амро опен во Ротердам и да дојде на една победа до враќање на првото место на АТП листата.
36-годишниот Федерер беше подобар од 34-годишниот Колшрајбер со 7:6(8)/7:5 во меч со само една брејк-шанса. Швајцарскиот ветеран реши да игра на холандскиот турнир за да има шанса да го смени Рафаел Надал на врвот на рејтинг-листата.
За првото место на АТП-листата, Федерер ќе игра со Холанѓанец, откако во последниот меч во Ротердам се среќаваат Робин Хасе и Талон Грикспор.
Бугарскиот ас, Григор Димитров по вторпат влезе во четврт-финалето во Ротердам и сега го очекува дуел со младиот Русин, Андреј Рублев. Димитров со 6:4/7:6(5) го победи Србинот Филип Краиновиќ, откако постигна 13 аса и направи четири брејка на сервис на противникот.
Рублев по два часа битка со 6:4/7:6(4) го совлада Дамир Џумхур од Босна и Херцеговина, откако првиот гем од мечот траеше дури седум минути.