Роџер Федерер вели дека го очекувал одличниот кам-бек на тениските терени на Новак Ѓоковиќ, кој оваа сезона победи на Вимблдон и на САД опен по две години лоша форма, проблеми со повредите и со мотивацијата.
Федерер очекува поранешниот светски број 1 да биде уште подобар во следните сезони, како кога доминираше во светскиот тенис.
„Мислам дека од Новак има уште многу да се очекува. Дури не сметам дека го игра најдобриот тенис по повредата. Игра многу добро, но кога беше на врвот пред неколку години, беше речиси непобедлив. Затоа мислам дека има уште многу тенис во него и тоа е охрабрувачки“, вели Федерер.
Ѓоковиќ и Федерер неодамна играа во двојки на Лејвер купот, натпреварувањето кое Федерер го организираше и во кое се одвива дуел меѓу европските тенисери и тие од остатокот на светот. Покрај, тоа, Федерер накратко му даваше совети на својот српски ривал. Самиот Ѓоковиќ вели дека тој момент бил за сеќавање.
„Беше прекрасно да се има легенда како Бјорн Борг покрај теренот, и да го гледаш Роџер да навива за тебе за секој поен“, изјави Ѓоковиќ.