Top Sport

Федерер признава дека крајот на кариерата е многу блиску

Роџер Федерер признава дека е при „крајот на кариерата“, но 38-годишниот швајцарски тенисер вели дека е подготвен за уште еден предизвик – ново олимписко злато.

Освојувачот на 20 гренд слем титули во август ќе наполни 39 години и ќе го пропушти остатокот од сезоната 2020 кога таа ќе се рестартира, откако во февруари беше на операција на десното колено, и мораше да оди на дополнителна операција по компликациите. Зборувајќи за швајцарските медиуми тој признава дека телото му покажува дека крајот е блиску.

„Веќе е јасно дека сум при крајот на кариерата. Не знам дали тоа ќе биде сега или за две години и затоа планирам само година по година. Кога нема да оди, ќе сопрам. Кога ќе остарам повторно ќе играм тенис, но нема да тренирам“, вели Федерер.

Тој ја освои последната гренд слем титула на Австралија опен во 2018 година и вели дека сега му е целта да оди во Токио следната година по олимписка слава. Федерер освои злато во двојки во Пекинг во 2008 година, но беше поразен во финалето во сингл од Енди Мареј на Вимблдон во 2012 година.

„Олимпијадите се посебни. Возбуден сум што ќе одам во Токио и се надевам дека ќе имаме Олимпијада следната година. Секако, одам на медал, не е важно дали во сингл или во двојки“, додава Швајцарецот.

Scroll to Top