Top Sport

Федерер: Зверев има сè!

Роџер Федерер можеби го совлада Александер Зверев на АТП финалето во Лондон, но тоа не му пречеше да го испофали 20-годишниот Германец и да оцени дека тој има „целосен пакет“ на квалитети потребен за блескава тениска кариера.

Зверев направи сè што можеше, но на крајот загуби во три сета од Федерер, тенисер кој е 16 години постар од него, но во минатото има две победи над освојувачот на рекордни 19 гренд слем титули. Федерер беше импресиониран не само од играта на Германецот, туку и во тоа како тој се подготвува за својата иднина.

„Ми се допаѓа тоа што го гледам во Саша. Гледам некој кој работи за иднината. Би сакал да видам како ќе игра кога ќе има 23 или 24 години, во однос на фитнесот, организацијата и другите работи“, вели Федерер.

Тој смета дека Зверев е во класата на 22-годишниот Ник Кирјиос и 18-годишниот Денис Шаповалов, како млади тенисери кои навистина го импресионирале.

„Ми се допаѓа кај Зверев што е целосен пакет. Тој веќе е светски број 3, а од овој турнир ќе си замине со многу искуство, без разлика на тоа што ќе направи. Резултатите треба само охрабрувачки да делуваат на него и неговиот тим“, објаснува Федерер.

Scroll to Top