Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури признава дека ја загубил желбата за живот додека се мачел со проблеми со менталното здравје.
29-годишниот Фјури го шокираше Владимир Кличко во декември 2015 година за да стане изненадувачки шампион, но тогаш почнаа проблемите. Низата на повреди предизвикаа откажувања на ри-мечот со Украинецот, а доби и суспензија по признанието дека користел кокаин.
Тој ја загуби боксерската лиценца, но направи кам-бек оваа година со нокаут над Сефер Сефери и планира да договори меч со ВБЦ шампионот Дионтеј Вајлдер до крајот на годината.
„Претходно навистина не знаев за што се работи и што ми е и влегував безглаво во тие моменти. Сега, знам да ги идентификувам и да реагирам. Излегов многу посилен од дното и го свртев мојот живот. Ја загубив желбата за живот и покрај тоа што околу мене имав луѓе кои ме сакаат. Сега се вратив од тој кошмар“, вели 29-годишниот Фјури, кој побара поголема дискусија за менталното здравје кај спортистите.