Актуелниот шампион од Светскиот куп во биатлон, Мартин Фуркад стигна до рекордна 14. победа во шведскиот ски-центар Естерсунд во неделата, доминирајќи во пурсуитот на 12.5 километри.
11-кратниот светски шампион, кој има шест титули од Светскиот куп во низа се израмни со легендарниот „крал на биатлонот“, Норвежанецот Оле Еинар Бјерндален со 14 победи во шведскиот град. Тој имаше време од 30:12.2, дури 40.8 секунди пред Словенецот Јаков Фак, додека третото место го освои уште еден Французин, Квентин Фијон Маје.
29-годишниот Фуркад беше трет во трката на 20 км индивидуално во четвртокот и втор во саботниот 10-километарски спринт. Фуркад води во генерален пласман со 162 поени пред Фијон Маје со 131.
Во женскиот пурсуит, Германката Денис Херман стигна до втората победа во низа, но остана зад Французинката Жастин Браиса во генерален пласман. Херман победи на 10 километри по петочниот триумф на 7.5 километарскиот спринт пред Браиса, додека третото место го освои Норвежанката Марте Олсбу.
21-годишната Браиса, која беше втора и во спринтот, сега има 142 поени во генерален пласман, четири повеќе од Херман.
Светскиот куп во биатлон следната „дружба“ ја има во Хохфилцен, Австрија од 8 декември.