Преодниот УФЦ шампион во лесна категорија, Џастин Гетџи смета дека доколку загуби од Хабиб Нурмагомедов во мечот за титулата оваа година, тоа ќе значи вистински крај на кариерата на Конор Мекгрегор, кој исплашен ќе остане во пензија.
Гетџи го имаше најголемиот триумф во кариерата на УФЦ 249 во мај, кога го сопре Тони Фергусон во петтата рунда, поставувајќи дуел со Хабиб, додека Мекгрегор неодамна објави дека се повлекува од спортот бидејќи му е „здодевно“.
Гетџи вели дека верува дека Мекгрегор ќе се врати во октагонот, но за дуел со него, а не со Хабиб, од кого бега по поразот во 2018 година.
„Мислам дека повторно ќе се бори и го чека победникот од следниот дуел. Ако победам, мислам дека дефинитивно ќе се врати, но ако победи Хабиб, не сум сигурен. Тој, сепак, е легенда и тоа не му го одземам, остварувајќи сè што може во овој спорт и сè што посакува секој фајтер. Но, едвај чекам да го удрам во лице“, вели Гетџи за „ЕСПН“.
Гетџи, кој има 22-2 скор и нема пораз во последните четири меча, би требало да се сретне со Хабиб (28-0) најверојатно веќе во септември.