Top Sport

Гимнастичарката Мароуни обвинува за сексуална злоупотреба

Поранешната олимписка шампионка во гимнастика, Американката Мекајла Мароуни открива дека била сексуално злоупотребувана од докторот на американската репрезентација од нејзината 13-та година до повлекувањето од спортот минатата година.

21-годишната Мароуни го обвини докторот Лоренс Насар, кој веќе е под криминална истрага за малтретирање на други гимнастичарки. Во долг пост на Твитер, Мароуни открива дека била инспирирана од откривањето на вистината за холивудскиот продуцент  Харви Вајнстајн и неговото однесување кон повеќе холивудски ѕвезди.

„Тоа не се случува само во Холивуд, туку насекаде. Кога има моќ, тогаш има можност за злоупотреба. Мојот сон беше Олимпијадата и тоа беше една од работите кои морав да ги истрпам да го остварам сонот. Тој човек кога имаше шанса ме ’третираше’. Тоа се случуваше пред Олимпијадата во Лондон, и кога освоив злато“, објаснува Мароуни.

Девојката од Калифорнија помогна американскиот тим да дојде до тимско злато на ОИ во Лондон во 2012, по што освои сребро во прескокот, и стана популарна на интернет по нејзината реакција.

Ова не е прво обвинување за злоупотреба во американската гимнастика. Насар е во затвор во Мичиген поради поседување на детска порнографија, и го чека судење за 22 обвинувања за сексуален напад над најмалку седум жени, а исто така е обвинет од 125 жени во цивилна парница.

Scroll to Top