Top Sport

Ѓоковиќ и Федерер во полуфиналето, но двајцата не се покажаа како добри спортисти (видео)

Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер се на добар пат да се сретнат во големото финале на Мастерсот во Синсинати, откако двајцата одработија две победи во еден ден, меѓутоа, спортското однесување како да го заборавија.

Шампионот од Вимблдон, Ѓоковиќ прво го совлада Григор Димитров (2:6/6:3/6:4), а потоа и Милош Раонич (7:5/4:6/6:3) за да обезбеди полуфинале против Хрватот Марин Чилиќ. Синсинати е единствениот Мастерс 1000 турнир на кој Ѓоковиќ нема триумфирано, а нервозата се покажа во првиот сет против Раонич, кога загуби брејк и бесот го искали на рекетот. Тој подоцна се извини.

„Не сум горд на такво однесување, бидејќи обично не сакам да кршам рекети. Гледаат многу деца и знам дека несум добар пример“, изјави Ѓоковиќ.

Федерер пак, беше слаб со нервите при епската победа над својот добар пријател, сонародникот Стен Вавринка (6:7/7:6/6:2), а моментот на нервоза дојде при водство на Вавринка од 7:6/1:1 и 30:0. Вавринка удри форхенд кој беше во аут, и линиската судијка викна аут, нешто што судијата на столче Фергус Марфи не го забележа.

Федерер не го скрши рекетот, но затоа влезе во расправија со судијата на столче, барајќи од него да се извини што не слушнал. Швајцарецот во полуфиналето ќе игра со Давид Гофан, кој со 7:6/7:6 го совлада Хуан Мартин дел Потро.

Scroll to Top