Новак Ѓоковиќ е роден белграѓанин и честопати престојува во српската престолнина, каде што живеат неговите родители и пријатели, меѓутоа, тој одамна својот живот го води од Монте Карло со својата сопруга Јелена и двете деца, Стефан и Тара.
Монте Карло, покрај славната Ф1 трка, казината и убавото море, секогаш било привлечно за спортистите поради даночната политика на малото кнежевство. Но, Ѓоковиќ вели дека има и други работи кои го привлекле таму.
„Во Монте Карло живеат многу спортисти и многу тенисери во последните десетина години. Првпат пристигнав во Монте Карло за квалификациите за турнирот кога имав 17 години, а потоа почнав почесто да одам бидејќи мојот поранешен тренер Рикардо Пјати живееше и уште живее тука. Работев со него една година и тука ми беше тренинг базата, иако живеев во Србија. Ми се допаѓа местото поради повеќе причини. Најважно, тука имам мое место, можам да се фокусирам на своите подготовки и на својот живот. Уживам во тоа. Во овој дел од мојот живот, тоа ми е исклучително важно“, вели Ѓоковиќ.