Top Sport

Ѓоковиќ од Вимблдон за Топспорт: Имав добри подготовки и се надевам дека можам далеку да стигнам

На воведната прес конференција, пред да почне тенискиот турнир во Вимблдон, минатогодишниот победник и прв носител оваа година на турнирот, Новак Ѓоковиќ, одговори и на две прашања на известувачот на Макфакс и Топспорт од Вимблдон, Ненад Живановски.

Запрашан дали оваа година доаѓа под зголемен притисок бидејќи нема освоено ниеден грен-слем и дали поради тоа овој Вимблдон е за него императив да го освои, повеќе од било која титула од претходните шест, Новак одговори:

„Точно е дека ова година немам освоено ниеден грен-слем, и доаѓам на Вимблдон без таква сигурност. Но тоа не ги менува многу работите, се чувствувам дека моите подготовки поминале слично како и минатите години. Секако доколку имате освоено еден или два грен-слема пред Вимблдон, ќе имате повеќе самодоверба на теренот. Се надевам на најдобро на турнирот и ако го започнам добро, како минатите две-три години, мислам дека можам далеку да дотуркам“ -одговори Ѓоковиќ.

На патот до финалето, како можен противник во четвртфиналето му стои најголемата млада звезда, Шпанецот Алкараз, од кого загуби во полуфиналето на Мастерс турнирот во Мадрид. Дали може да препознае променливост во играта на младиот тенисер кога игра во два добиени сета, и мечеви на грен-слем како на последниот Ролан Гарос, кога мечот се игра во три добиени сетови.

„Алкараз е играч кој ја одбележи оваа година заедно со Надал со фантастичните резултати. Поради неговиот играчки стил, повеќе му одговараат подлоги кои се побавни. Затоа што е млад, тој немал многу можност да игра на Вимблдон, така што верувам дека од година во година ќе напредува и на оваа подлога бидејќи има таков менталитет, квалитет и талент. До евентуалното четвртфинале, тој и јас мораме да добиеме неколку добри противници, така што за тој дуел ќе зборуваме кога до него ќе дојде. Но, факт е кога се игра на грен-слем во три добиени сета, ситуацијата и пристапот во мечот е сосема поинаков бидејќи во два добиени сета се многу брзо се одвива, а овде можете да се вратите во мечот и по два изгубени сета, што често беше случај во мојата кариера. Алкараз е уште млад и има уште доста време тоа да го научи, изјави Новак Ѓоковиќ за Топспорт и Макфакс.

Ненад Живановски

Scroll to Top