Top Sport

Ѓоковиќ во топ-форма, Чилиќ се врати од 2:0 негатива во 2 часот наутро!

Новак Ѓоковиќ, конечно, имаше и една рутинска победа на САД опен, откако влезе во четвртото коло со 6:2/6:3/6:3 „уништување“ на францускиот ветеран Ришар Гаске.

Во првите две кола, на шампионот од Вимблдон му беа потребни четири сета да ги победи своите противници, а посебно тешко беше во првото коло против Унгарецот Мартон Фучович на жештината во Њујорк. Против Гаске, пак, работите одеа многу полесно и тој стигна до победа по само 2 часа и 11 минути.

„Ова беше сигурно мојот најдобар меч оваа недела, без сомнеж. Еден од најдобрите мечеви по Вимблдон. Играв на високо ниво од почетокот и навистина сум задоволен“, изјави Ѓоковиќ, кој имаше 75 отсто освоени поени на прв сервис, 32 директни победнички топки и ги спаси сите пет брејк поени кои ги имаше Гаске, за да го подобри скорот против него на 13-1.

Со победата, Ѓоковиќ останува на пат до потенцијално четврт-финале против Роџер Федерер, но прво игра со Португалецот Жоао Соуса.

Хрватот Марин Чилиќ, пак, се врати од два сета негатива за да го совлада Австралиецот Алекс де Минаур со 4:6/3:6/6:3/6:4/7:5 по три часа и 59 минути комплетирајќи го мечот во 2:22 часот наутро по локално време.

Шампионот од 2014 година, сега има неверојатен скор од 8-1 во мечеви од пет сета на Флешинг медоуз. Следен за него е Белгиецот Давид Гофан, кој со 6:4/6:1/7:6(4) го победи Германецот Јан-Ленард Штруф.

Фото: ЕПА

Scroll to Top