Top Sport

Гофан е уморен, но ќе даде сè за Белгија

Победен, но охрабрен со својата игра, Давид Гофан вели дека исклучителниот настап на АТП финалето во Лондон ќе му помогне во Дејвис куп финалето.

Белгиецот загуби во три сета од Григор Димитров во неделното финале за да комплетира одлична сезона за него, откако на турнирот во Лондон стана само шестиот човек кој ги победил Рафаел Надал и Роџер Федерер на ист турнир. Тој сега има малку време за одмор, бидејќи патува со Белгијците во Лил, каде што ќе се обидат да ја освојат првата Дејвис куп титула во историјата на земјата против фаворитите Франција.

„Неделата беше навистина посебна, со многу емоции, многу замор, но сега имам пред мене нов предизвик – финалето! Вистинска чест е да ја претставувам моајта земја. Да се биде во финале на Дејвис купот е нешто неверојатно. Ќе се обидам да го дадам максимумот“, вели Гофан.

Ова не е прво Дејвис куп финале за Гофан, откако во 2015 година беше дел од тимот кој загуби од Велика Британија предводена од Енди Мареј.

„По настапот во Лондон сум подобар играч ментално и физички. Начинот на кој се справив со притисокот тука ќе ми помогне и во Лил. Таму само ќе играм против целиот стсадион. Заморот не значи ништо“, вели Гофан.

Покрај Гофан во белгискиот тим се и Стив Дарси, Рубен Бемелманс и Артур де Греф, додека Французите ќе бидат со Жо-Вилфрид Цонга, Лукас Пуј, Никола Мау и Пјер-Иг Ербер. Финалето се игра на фудбалскиот стадион „Пјер Моро“ во Лил од 24 до 26 ноември

Scroll to Top