Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека спортската сала „Расадник“ по три децении повторно е ставена во функција и ќе биде дом на Вардар.
Ѓорѓиевски ја опиша обновата на салата како еден од своите најзначајни проекти, потсетувајќи дека објектот бил затекнат во лоша состојба.
„Расадник е име кое многу значи за Кисела Вода, за Скопје, за Вардар и за македонскиот спорт. Оваа сала памети славни спортски моменти, големи натпревари и генерации спортисти“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека салата била руинирана, демолирана и оставена без перспектива, но дека со вложувања и поддршка од институциите успеала повторно да заживее.
Обновениот објект располага со реконструиран терен, уредени трибини, нови соблекувални, простории за стручните тимови, теретана, придружни спортски содржини и сопствен систем за греење и ладење.
Ѓорѓиевски се заблагодари за поддршката од премиерот Христијан Мицкоски, Владата и министерот за спорт Борко Ристовски, нагласувајќи дека Расадник повторно ќе биде дом на Вардар и место каде што ќе се создаваат нови спортски успеси.
„Ова е важно за Вардар, но и за децата од Кисела Вода, младите спортисти, спортските клубови и сите идни генерации кои ќе растат со спортот“, порача Ѓорѓиевски.
