Норвешкиот ас, Халвор Егнер Гранеруд е освојувач на новогодишната турнеја „4 Скокалници“, откако со фантастичен скок од 143.5 метри во втората серија триумфираше и во Бишофсхофен, негова трета победа на турнејата за „златнито орел“.
По 138.5 и 143.5 метри, Гранеруд собра 313.4 поени, победувајќи пред Словенецот Анже Ланишек (140.5 и 139 метри) и Полјакот Давид Кубацки (135.5 и 140 метри). Со трите победи, Гранеруд собра 1.191,2 поени за победа пред Кубацки со 1.158,2 поени и Ланишек со 1.129 поени.
„Се чувствував фантастично кога почна втората серија, а и времето беше многу подобро. Излегов добро и потоа само летав. Не можам да престанам да се смеам бидејќи не го очекував ова ниту во најлудите соништа“, вели 26-годишниот Гранеруд.